Шпанците во проблем: На два дена пред меч им е демолиран култен стадион!

by 24 фудбал
1 минути читање

Големото славје на навивачите на Депортиво Ла Коруња по обезбедениот пласман во Ла Лига се претвори во сериозен проблем за клубот и шпанската фудбалска федерација. По последниот свиреж на натпреварот против Лас Палмас, илјадници навивачи влегоа на теренот на „Риазор“, а клубот подоцна ги осуди „актите на вандализам“ кои предизвикале значителна материјална штета.

Најмногу настрадал тревникот, но оштетени се и стативите, системот за наводнување, како и делови од трибините. Според информациите од Шпанија, скршени се два прозори, а од трибините биле извадени дури 750 седишта. Еден член на клубот кој сакал да остане анонимен призна дека како сувенир зел дел од мрежата и едно седиште.

Нема да кажам дека беше добро, не беше. Но, емоциите беа големи“, изјавил навивачот за локалните медиуми.

Проблемот е уште поголем бидејќи „Риазор“ в четврток треба да биде домаќин на пријателскиот натпревар меѓу Шпанија и Ирак, последен тест за „црвената фурија“ пред заминувањето на Светското првенство.

Клубот и Шпанската фудбалска федерација сега се во трка со времето за да ги санираат оштетувањата и да го подготват стадионот за натпреварот. Шпанската репрезентација последен пат играше на „Риазор“ на 29 март 2022 година, кога го пречека Исланд.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×