Македонскиот тренер, Југослав Тренчовски, неодамна се раздели со Радомље каде имаше успешна сезона, но има реална шанса да остане во словенечкото првенство.
Тамошните медиуми пишуваат дека тој е еден од најсериозните кандидати за кормилото на Олимпија Љубљана која му врачи отказ на Федерико Бесоне по лошата сезона и неисполнетите цели.
Информациите од Словенија велат дека Тренчовски уште не е во преговори со Олимпија, но многу високо котира на листата со желби на луѓето од клубот.
Сепак некои структури на Олимпија инсистираат новиот тренер да биде дебитант во словенечкото првенство, односно да не доаѓа од конкурентските клубови.
Тренчовски е искусен македонски стручњак, еден од основачите на Академија Пандев (денешна Брера) каде помина и најголем дел од тренерската кариера. Последните години речиси редовно работи во странство, беше во Кувајт, Саудиска Арабија и Мароко, а последната сезона го водеше словенечкиот Радомље со кого оствари добри резултати, а минатата недела официјално ја прекина соработката со клубот.