Фудбалскиот сојуз на Демократска Република Конго побара од ФИФА враќање на парите за своите навивачи на кои поради епидемијата на ебола им е забранет влез во САД за време на Светското првенство.
Од федерацијата посочиле дека навивачите веќе потрошиле големи суми за билети и сместување, па се надеваат дека ФИФА ќе има разбирање за ситуацијата и ќе им излезе во пресрет.
„Казнети се затоа што не можат да влезат во САД, да присуствуваат на Светското првенство и да ја поддржат својата репрезентација. Ја прашавме ФИФА дали е можно ова да се земе предвид, бидејќи билетите се прилично скапи. Не сакаме нашите навивачи, кои го сакаат фудбалот и Светското првенство, да изгубат сè“, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на ДР Конго, Верон Мосенго Омба.
Репрезентацијата на ДР Конго ќе настапи во групата К заедно со Еквадор, Узбекистан и Португалија.
Африканската селекција два натпревари од групната фаза ќе игра во САД, против Португалија во Хјустон и против Узбекистан во Атланта, додека дуелот со Еквадор ќе се игра во мексиканскиот град Запопан.