Иднината на Лука Модриќ повторно е главна тема во европските медиуми, а според најновите информации искусниот хрватски фудбалер е сè поблиску до крај на кариерата. Шпанскиот весник „АС“ и италијанска „Газета дело Спорт“ објавија дека Модриќ сериозно размислува да се повлече од фудбалот веднаш по завршувањето на Светското првенство, наместо да продолжи со уште една сезона во Милан.
Наводно, големо влијание врз неговата одлука имале случувањата во италијанскиот клуб во последниот период. Милан не успеа да обезбеди место во Лига на шампиони, а дополнително незадоволство кај Хрватот предизвикала и одлуката за разделба со Масимилијано Алегри.
Италијанските медиуми со месеци пишуваат за нестабилна атмосфера во клубот, внатрешни конфликти и сериозни проблеми во раководството, а се спомена дури и инцидент меѓу Златан Ибрахимовиќ и Алегри.
Слабите резултати и турбулентната сезона дополнително ја влошиле ситуацијата, па Модриќ наводно повеќе не гледа причина да остане дел од проектот на Милан.