Шкендија и официјално стави крај на соработката со Јетон Беќири, кој нема да го предводи тетовскиот клуб во новата сезона. Од таборот на „црвено-црните“ соопштија дека договорот со стратегот истекува по крајот на сезоната 2025/26, а по заеднички разговори било одлучено соработката да не биде продолжена.
Беќири ја презеде Шкендија во јануари 2024 година и во изминатиот период оствари значајни резултати со тимот. Под негово водство тетовци ја освоија шампионската титула во сезоната 2024/25, а клубот испиша и историски успех на европската сцена.
Шкендија успеа да избори место во лигашката фаза од Конференциската лига, а потоа стигна и до плеј-офот во натпреварувањето, што претставува најголем европски резултат во клупската историја.
Од клубот му се заблагодарија на Беќири за посветеноста и професионалниот однос, со желби за успех во продолжението од неговата тренерска кариера.