Лука Модриќ би можел да остане во Милан и следната сезона, но неговата иднина на „Сан Сиро“ ќе зависи од пласманот на клубот во Лигата на шампионите, пишува „Газета дело Спорт“.
Според информациите од Италија, 40-годишниот хрватски ветеран сака кариерата да ја заврши во дресот на „росонерите“, но само ако тимот обезбеди место во европската елита. Во договорот на Модриќ постои можност за автоматско продолжување на соработката на уште една година, доколку и клубот и фудбалерот се согласат на тоа.
Важен фактор за останувањето на искусниот играч од средниот ред е и иднината на тренерот Масимилијано Алегри, кој сезонава му даде значајна улога во тимот.
Италијанските медиуми најавуваат дека конечната одлука околу Модриќ би можела да биде донесена уште пред Светското првенство 2026, каде Хрватот би играл на својот петти Мундијал. Во меѓувреме, Милан работи и на ново засилување во средниот ред, а најблиску до трансфер е Леон Горецка од Баерн Минхен.
„Росонерите“ во последното коло од Серија А ќе се борат за место во Лигата на шампионите, а победа против Каљари сигурно ги носи во европската елита.