Последното коло во Премиерлигата ќе ги реши сите дилеми околу настапот во Европа, а едно лудо сценарио вели дека Ливерпул и Борнмут можат да играат плеј-оф за место во Лигата на шампиони.
Борнмут можеби во финишот остана без победа против Манчестер Сити, но популарните „цреши“ сепак имаат причина за славје, за прв пат во својата историја ќе играат во Европа.
Настап во Лига Европа им е загарантиран, но има сценарија со кои можат да стигнат и до Лигата на шампиони.
Доколку Астон Вила вечерва го совлада Фрајбург и ја освои Лига Европа, се отвара простор и шестопласираниот во Англија да игра во Лигата на шампионите. За Борнмут да може да игра ЛШ во ова сценарио, Астон Вила ќе треба финишира како петта, односно да загуби од Манчестер Сити во последното коло, Ливерпул да го победи Брентфорд, а Борнмут да освои барем бод против Нотингем Форест.
Доколку Ливерпул загуби во последното коло, Борнмут може и до топ 5 пласман, но ќе треба да надополнат гол разлика од седум – на пример, Ливерпул да изгуби 3-0 а Борнмут да победи со 4-0.
Според најлудото сценарио, Борнмут и Ливерпул можат да играат и плеј-оф за место во најелитното европско натпреварување.
За да се случи ова, Ливерпул ќе треба да загуби со 1-0, а Борнмут да победи со 5-0. Во овој случај, двата тима би биле целосно израмнети, и по гол разлика, и по број на постигнати и примени голови, освоени бодови во меѓусебниот дуел и ист број на гостински голови во меѓусебниот дуел.