Вечерва од 20 часот, арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе се игра финалето од Купот на Македонија, каде силите ќе ги одмерат Силекс и Шкендија.
Кратовци имаат јасна цел, да стигнат до трофејот и преку Купот да обезбедат место на европската сцена. Во тој поход ќе се надеваат дека ќе ја искористат ослабената Шкендија, која на финалето пристигнува без двајца значајни играчи. Поради повреда ќе недостига искусниот голгетер Бесарт Ибраими, додека Роналдо Вебстер го пропушта мечот поради суспензија.
„За нас ова е натпревар на сезоната, бидејќи носи излез во Европа. Шкендија е квалитетен и искусен противник, можеби и во мала предност поради европските натпревари што ги има одиграно. Но, ќе се обидеме да ги искористиме сите слабости што ќе ни се понудат. Која би била предноста на Силекс? Според мене, тоа е што Шкендија има одиграно 54 мечеви сезонава. Посакувам добро финале и нека победи подобриот“, изјави Васоски пред натпреварот.
Иако тетовскиот тим сезонава имаше подобар биланс во меѓусебните пресметки, две победи и едно реми против Силекс, финалињата секогаш носат поинаква приказна и не дозволуваат фаворити на хартија.
„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашето европско искуство, но во еден меч тоа ништо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење, па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, истакна предводникот на Шкендија, Јетон Беќири.
Силекс досега трипати го освојувал Купот на Македонија, во 1994, 1997 и 2021 година, додека Шкендија до трофејот стигна во 2016 и 2018 година.