Мемфис Депај би можел да остане без место во составот на Холандија за Светското првенство, иако станува збор за најдобриот стрелец во историјата на „лалињата“.
Селекторот Роналд Куман се наоѓа пред тешка одлука, бидејќи искусниот напаѓач има сериозни проблеми со повредите и долго време е надвор од натпреварувачки ритам.
Депај нема одиграно натпревар за Коринтијанс уште од 23 март, а во текот на 2026 година запиша само 13 настапи и постигна еден гол. Иако неодамна се врати на тренинзите, повторно заработил нова повреда, овојпат на другата нога. Тоа значи дека најверојатно ќе ги пропушти и последните два натпревари пред Мундијалот, кои требаше да му бидат последна шанса да го убеди Куман дека е подготвен за настап.
„Постои можност Мемфис да биде на конечниот список, но потребно е повторно да игра натпревари за клубот и ако е можно да минува близу 90 минути на теренот“, изјави Куман.
Холандскиот селектор треба да го објави конечниот список на 26 мај, а неизвесноста околу Депај останува една од главните теми во холандската јавност.