Офанзивниот играч за врска на Барселона, Фермин Лопез, се здоби со потешка повреда на стапалото поради која ќе го пропушти Светското првенство.
Фермин поради повредата мораше предвреме да го напушти теренот во вчерашниот натпревар против Бетис, а по денешните прегледи е утврдено дека станува збор за скршеница на метатарзална коска.
Тој ќе мора на операција, по што го очекува повеќенеделна пауза, но се очекува да биде подготвен за почетокот на летните подготовки со Барселона.
Ова е голем удар за Шпанија, особено откако во завршницата на сезоната повреди заработија и Ламин Јамал и Нико Вилијамс, па останува неизвесно во каква форма ќе го дочекаат Мундијалот.
На тоа се надоврзува и повредата на Микел Мерино, кој е надвор од терените од почетокот на 2026 година, па селекторот Луис де ла Фуенте се соочува со сериозни проблеми околу составот.
Фермин беше меѓу сигурните патници пред повредата, откако по извонредната сезона го стекна довербата на селекторот и многумина му предвидуваа и место во почетниот состав на левата страна додека не се опорави Нико Вилијамс.
Сезонава за Барселона во сите натпреварувања одигра 48 натпревари, со учинок од 13 голови и 17 асистенции.