Манчестер јунајтед славеше со 3-2 против Нотингем Форест во натпревар без поголемо резултатско значење, но ќе го памети Бруно Фернандеш.
Португалскиот плејмејкер стигна до 20 асистенции сезонава во Премиер лигата и така стана само третиот фудбалер во историјата кому му успеало тоа. Пред него до оваа бројка стигнаа само Кевин Де Брујне и Тиери Анри. Фернандеш во последното коло против Брајтон ќе има можност и да испише историја како прв играч со повеќе од 20 асистенции во една сезона од англиската елита.
Јунајтед одлично го отвори натпреварот и поведе уште во петтата минута преку Лук Шо, а тоа беше и единствениот погодок во првото полувреме.
Во вториот дел следуваше далеку поинтересен фудбал. Најпрво Морато израмни за гостите, но само неколку моменти подоцна Куња повторно донесе предност за домаќините.
Клучниот момент се случи во 76. минута кога Фернандеш ја запиша својата историска асистенција за Мбуемо, додека конечните 3-2 ги постави Гибс Вајт само две минути подоцна.
Посебни емоции на „Олд Трафорд“ предизвика и збогувањето на Касемиро, кој го одигра последниот домашен натпревар во дресот на Манчестер јунајтед пред заминувањето од клубот на крајот од сезоната.