ФФМ го осуди навредливото и недолично славење на ФК Вардар

by riste
1 минути читање

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го осуди контроверзното славење на фудбалерите на Вардар кои синоќа ја заверија шампионската титула.

За време на прославата фудбалерите и стручниот штаб на Вардар упатија навреди кон Карлоина Гочева и Битола, а тоа предизвика бурни реакции во јавноста по кои со осуда се јави и ФФМ.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија.

ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.

Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг.

Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот.

ФФМ, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници.
По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.

Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на промоција на фер-плејот и нема да дозволи ничие однесување да го наруши интегритетот на натпреварувањата“, стои во соопштението.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×