Легендарниот голман на Реал Мадрид и поранешен шпански репрезентативец Икер Касиљас изјави дека не сака повторно да го види Жозе Мурињо на клупата на „кралскиот клуб“, иако нагласува дека нема личен проблем со португалскиот стратег.
Мурињо се споменува како еден од главните кандидати за нов тренер на Реал Мадрид од следната сезона и според дел од медиумите работата е веќе завршена.
„Немам проблем со Мурињо. Ми делува како голем професионалец. Но, не го сакам во Реал Мадрид“, изјави Касиљас, додавајќи:
„Мислам дека постојат тренери кои се подобро подготвени да го водат клубот на мојот живот. Ова е само мое лично мислење“, заклучи поранешниот капитен на Шпанија.
Односот меѓу Мурињо и Касиљас беше една од најжешките теми за време на првиот мандат на Португалецот во Мадрид, особено во последната сезона кога дојде до сериозно заладување меѓу тренерот и еден од симболите на клубот.