Италија во следните два натпревари ќе игра со младинци!

by Стефан
1 минути читање

Италијанската фудбалска репрезентација ќе настапи со состав составен исклучиво од играчи до 21 година на претстојните пријателски средби против Луксембург и Грција, потврди привремениот селектор Силвио Балдини.

Необичниот потег доаѓа по заминувањето на Џенаро Гатузо од селекторската функција, по што Балдини ја презеде сениорската репрезентација на Италија на привремена основа.

Тој откри дека веднаш му соопштил на претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина, дека сака шанса да им даде токму на младите фудбалери. Според Балдини, целта е јавноста да го види потенцијалот на новата генерација и нивниот напредок.

„Младите мора да научат што значи тимска игра и дисциплина. Само така можат да израснат во комплетни фудбалери“, порача италијанскиот стратег, додавајќи дека дисциплината е клучна алатка за развој, а не ограничување.

Балдини смета дека современиот фудбал често им испраќа погрешни пораки на младите играчи, бидејќи од една страна се бара да добијат шанса, а од друга резултатите секогаш се ставаат во прв план. Според него, младите не можат да напредуваат ако постојано стравуваат од грешки.

Контролните натпревари против Луксембург на 3 јуни и Грција на 7 јуни ќе бидат можност младите италијански таленти да се претстават пред пошироката фудбалска јавност.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×