Еден од најдобрите напаѓачи во Европа во последните дваесетина години, Роберт Левандовски, призна дека би размислил за настап во послаба лига доколку летово ја напушти Барселона.
За време на прославата на шампионската титула по победата на Барса против Реал Мадрид, Левандовски не криеше дека неговото време на „Камп Ноу“ можеби се приближува кон крајот.
Во разговор за полската телевизија „Елевен спортс“, тој призна дека идејата за промена на средината и заминување во физички помалку напорна лига е реална опција.
„Постои можност да заминам во некоја послаба лига. Имам речиси 38 години, но физички се чувствувам добро, па ја разгледувам таа можност. Морам да земам предвид дека можеби е време да играм и да уживам во животот. Можно е да се појави таква опција и не ја исклучувам“, изјави Левандовски.
Неизвесно е дали Левандовски и следната сезона ќе го носи дресот на каталонскиот клуб, со оглед на информациите дека му било понудено продолжување на договорот со намалена плата.
„Што ќе правам наесен? Не знам. Тукушто дознав дека ми остануваат уште 51 ден од договорот, така што сè уште имам време. Ќе сослушам уште неколку понуди, а потоа ќе донесам одлука“, изјави полскиот напаѓач.