Легендата на Манчестер јунајтед, Петер Шмајхел вели дека одлуката да се поништи голот на Вест Хем против Арсенал била погрешна, додава дека „топчиите“ од слични ситуации имаат дадено многу голови оваа сезона.
Арсенал ја преживеа драмата на гостувањето кај Вест Хем и сега е на две победи до прва титула во Премиерлигата по 22 години.
„Топчиите“ добија ветер во грб од ВАР, видео технологијата се замеша и го поништи голот на „чеканите“ за 1-1 во 95. минута од мечот.
Како и за секоја ситуација, мислењата се поделени, а Петер Шмајхел вели дека „најважната одлука на ВАР“ е погрешна.
„Па ако ова е фаул, Арсенал никогаш немаше да биде на првото место на табелата… и ова многу ме нервира!“ – вели легендата на Манчестер јунајтед.
„На сличен начин постигнаа многу погодоци оваа сезона, со блокирање на голманот, со влечење и разни трикови… а сега одеднаш ова испаѓа дека е фаул“.
„ВАР пет минути ја прегледуваше снимката, ја вртеше повторно и повторно, што само покажува колку е спорна одлуката“.
„Ако треба толку долго да се анализира, тогаш очигледно не е чист прекршок. Не ми е јасно зошто сега се менува критериумот, кога истите работи цела сезона не се судеа. Искрено, оваа одлука е апсолутно погрешна“.
По голот на Вилсон, ВАР судијата Дарен Ингланд внимателно ја анализираше мешаницата во петерецот на Арсенал, па го повика својот колега Крис Кавана да го види контактот помеѓу Пабло и голманот Давид Раја и сам да одлучи дали имало доволно елементи за прекршок.
Конечната одлука беше фаул, па Арсенал ја задржа бодовната предност во однос на Манчестер Сити.