Синоќа беа комплетирани финалистите и во Лига Европа и Конференциската лига, Англичаните за првпат во својата историја ќе се борат за сите три пехари.
Арсенал игра против ПСЖ во финалето од Лигата на шампионите, Астон Вила против Фрајбург ќе се бори за пехарот во Лига Европа, а Кристал Палас ќе се сретне со Рајо Ваљекано во последниот меч од Конференциската лига.
Ако Астон Вила ја освои Лига Европа, Англија наредната сезона ќе има шест екипи во Лигата на шампионите.
Англија не е единствената која имала три финалисти во европските натпреварувања.
Најсвеж пример е Италија која во 2023 година го направи тоа, но сите три финалисти ги загубија мечевите. Интер во Лигата на шампионите, Рома во Лига Европа и Фиорентина во Конференциската лига.
Серија А имаше тројца финалисти и во сезоната 1993-94. Тогаш Милан ја освои ЛШ, Интер триумфираше во Купот на УЕФА, а Парма загуби од Арсенал во Купот на победниците на куповите.
И во сезоните 1992-93 и 1988-89 Италија имаше финалисти во сите три натпреварувања, а освојуваше две.
Најуспешна за Италијанците беше сезоната 1989-90 кога имаа тотална доминација во Европа, тогаш Милан ја освои Лигата на шампионите, Јувентус го освои Купот на УЕФА и тоа по победа над Фиорентина, а Сампдорија триумфираше во Купот на победниците на куповие.
Шпанските клубови еднаш имале финалисти во три европски натпреварувања. Тоа се случило во сезоната 1985-86. Реал Мадрид го освои Купот на УЕФА, Барселона беше поразена во Лигата на шампионите, а Атлетико Мадрид загуби во финалето од Купот на победниците на куповите.