Деклан Рајс со голема возбуда го најави дербито меѓу Арсенал и Манчестер Сити, натпревар кој може директно да влијае врз трката за титулата во Премиер лигата.
Лондонскиот тим ја искомплицира ситуацијата со поразот од Борнмут во претходното коло, додека Сити со победата над Челзи се доближи на шест бодови разлика и има натпревар помалку. Токму затоа, меѓусебниот дуел во 33. коло, кој се игра во недела од 17:30 часот, може да биде клучен во борбата за шампионскиот трофеј.
„Прекрасно е, едвај чекам. Поради вакви натпревари играме фудбал. Кога како дете ја гледате Премиер лигата и ваквите големи дуели кои решаваат титула, сонувате за овие моменти. Сѐ се сведува на тоа дали ќе бидете подготвени и колку го сакате тоа. Тие се во добра форма и никој ништо не подарува во оваа лига. Имаше многу врева, но на крај сѐ е до нас играчите. Знаеме што треба да направиме и подготвени сме. Ако одиме таму и победиме, тоа ќе биде силна порака. Мора да покажеме почит, во финалето беа подобри од нас и болеше да ги гледаме како го креваат трофејот. Но, токму тоа ни дава дополнителен мотив. Остануваат уште шест натпревари, знаеме колку е важно и ова е вистински тест, но поради тоа играме фудбал“, изјави Рајс.