Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин денеска е во посета на Македонија на покана од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Во делегацијата на Чеферин се уште и Зоран Лаковиќ кој е директор на националните асоцијации на УЕФА и Денис Бастари, раководител за развојот на националнци асоцијации во УЕФА.
„Посетата претставува уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА, како на институционално, така и на лично ниво. Македонската „Куќа на фудбалот“ е високо ценета во рамки на европското фудбалско семејство, а присуството на Александар Чеферин дополнително ја нагласува поддршката за развојните процеси во македонскиот фудбал“, порачуваат од ФФМ.
Чеферин во Македонија ќе се сретне уште со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, а потоа ќе се одржи и работен состанок во „Куќата на фудбалот“.
Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.
