Поранешниот белгиски репрезентативец и сегашен предводник на Баерн 40-годишниот Венсан Компани, покажува дека израснува во врвен тренер.
Минатиот вторник од клупата на Баерн го победи Реал во Мадрид (2-1), нешто што на Баварците не им успеало цели 25 години, а вчера вечер го елиминираше најтрофејниот европски клуб и во драматичниот реванш во Минхен (4-3).
По завршувањето на натпреварот, како и досега, не се стави себеси во прв план, туку своите фудбалери.
„Момците вечерва беа ментално силни да се вратат по негатива. И навивачите многу ни помогнаа. Останавме мирни и секогаш чувствувавме дека нашиот момент ќе дојде“, изјави Компани.
„Натпреварот беше многу емотивен. Имавме многу посед на топката и постојано чуувствувавме дека можеме да постигнеме гол. Но Реал Мадрид е Реал Мадрид. Тие секогаш се закана“, додаде Белгиецот.
На прашањето дали ова му е најголемиот натпревар во тренерската кариера, даде интересен одговор.
„Да, но следниот ќе биде уште поголем. Продолжуваме понатаму.“
За негова жал, нема да може да го води тимот во следниот дуел против ПСЖ во Париз поради жолтиот картон добиен во финишот на првото полувреме против Реал, суспендиран е за следниот меч во Лигата на шампионите.
Сепак, ќе може да го води тимот во реваншот во Минхен, кој по првиот полуфинален дуел ќе биде уште поважен предизвик во неговата тренерска кариера.
Полуфиналните дуели, ПСЖ – Баерн и Атлетико Мадрид – Арсенал се закажани за 28/29 април и 5/6 мај.