Легендарниот романски фудбалски тренер Мирчеа Луческу почина во вторникот, откако претходно беше хоспитализиран по два срцеви удари. Сепак, според информации од романските медиуми, неговата здравствена состојба била нарушена уште од почетокот на годината.
Во емисијата „Фудбал Клуб“, коментаторот Раду Наум откри дека на Луческу уште во јануари му била дијагностицирана леукемија, но информацијата не била објавена во јавноста. Според него, постоела намера болеста да остане тајна.
„Луческу не почина ненадејно, колку што е познато. Му беше дијагностицирана сериозна болест и во еден момент ќе мора да се каже вистината. Имаше обид таа информација да се сокрие, но Мирчеа веќе подолго време не беше во добра здравствена состојба“, изјави Наум за „Диги Спорт“.
Во текот на својата богата кариера, Луческу работеше во голем број клубови ширум Европа, а во еден период беше и селектор на романската репрезентација.