Додека светот се подготвува за враќањето на елитниот фудбал на северноамериканскиот континент, дел од медиумите потсетија како домаќинот на Мундијалот одлучи да им пркоси на основните правила на најважната споредна работа на светот.
Имено, во средината на деведесеттите години, во раната фаза од МЛС лигата, класичните пенали беа заменети со бизарен „шутаут“ систем, кој повеќе наликуваше на хокеј отколку на фудбал.
Наместо удар од белата точка, играчот тргнуваше со топката од околу триесет метри, имајќи само пет секунди да го надмудри голманот и да постигне гол. Напаѓачите трчаа кон шеснаесетникот, додека голманите агресивно излегуваа во пресрет, создавајќи хаотични ситуации кои често завршуваа со судири и атрактивни дриблинзи.
Оваа иновација беше обид на Американците да ја направат играта подинамична и поатрактивна за домашната публика, навикната на брзи спортови со многу поени.
Иако ваквите сцени денес изгледаат незамисливо и како дел од некоја алтернативна историја, тие беа суштински дел од идентитетот на лигата во земја која пред само три децении сè уште учеше како да го засака фудбалот на свој начин. На крајот нивниот обид се покажа како неуспешен, па и тие мораа да се прилагодат како остатокот од светот.