ФФМ денеска ја соопшти одлуката по жалбата на Академија Пандев, Шкендија нема да добие казна.
Откако ја слушна пресудата на ФФМ, најголемиот конкурент на Шкендија, Вардар бурно реагираше, се закани и со тужби. Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Почитувани,
ФК Вардар остро реагира кон ФФМ за одбивањето на жалбата врачена од Академија Пандев и од ФК Вардар во однос на прекршувањето на правилото за настап на младинец (играч под 21 година) во првото полувреме на секој официјален натпревар во ПМФЛ и Куп натпреварите од страна на Шкендија.
Ова е уште еден случај во многуте во кои овие 25 години ФФМ ја засмејува јавноста кога се во прашање нивните одлуки а особено ова раководство на куќата на фудбалот. „Серијата Династија“ продолжува само се менуваат главните ликови, 25 години борба за власт, позиции, гласови а интересот на фудбалот и развојот никој не ги гледа. Сѐ е купено и договорено однапред, никакви правила не важат, за некои клубови има големи отстапки, а некои клубови се гледаат преку нишанот.
Иако Правилникот за натпреварување е сосема јасен и е пишуван од лицата кои раководат со Федерацијата, се дрзнаа самите да го прекршат и да постапат спротивно на принципите кои сами ги пропишаа т.е. лекторски да го решаваат правилото – срамно! Раководните структури на ФФМ со оваа одлука го направија првенството да биде крајно нерегуларно со цел клубот од Тетово да стане шампион на Македонија. Самата Федерација носи одлука за развој на младинскиот фудбал која понатаму ја толкува како сака и кога сака.
Веројатно со денешната одлука амбицијата на ФФМ е реализирана, но искрено многу боли нивната постапка, бидејќи ние во ФК Вардар како и останатите клубови од Македонија, искрено, спортски и етички настојуваме да оствариме подобри спортски резултати со многу работа, вложувања и трошење на енергија. Но ФФМ сака првенството да го реши на зелена маса зад затворени врати и на крајно дрзок и безобразен начин. Претседателот на Федерацијата можеше на почетокот на сезоната да нѐ информира дека има за цел по секоја цена да го направи клубот од Тетово првак на Македонија што ќе беше покоректно, отколку на ваков начин да се наруши регуларноста на првенството. Само како надополнување, истото сценарио го спроведоа и минатата сезона кога клубот од Тетово ја направи истата грешка и настапи без младинец, но тогаш оправдувањето на Федерацијата беше дека никој не го пријавил случајот во ФФМ. Толку небулозно и смешно – па, за што е поставен делегатот на натпреварот? Да биде нем набљудувач и соучесник во криминалот на Федерацијата или да се грижи за регуларноста на натпреварот? Што правеше натпреварувачката комисија кога го регистрираше натпреварот со постигнатиот резултат без да увиди во записникот дека клубот настапил без младинец, согласно член 10 од дисциплинскиот Правилник на ФФМ.
Непознавањето на статутите и Правилниците повлекува дисциплинска одговорност – или вие не сте запознаени со вашите акти или пак така ви одговора, да ги спроведувате согласно вашите желби или желбите на наредбодавателот ( претседателот на ФФМ ). Во каква ситуација се сега ФК Тиквеш и Академија Пандев како оштетени страни? Јасно е дека воопшто не ви е грижа. Дали се запрашал некој во таа Федерација што понатаму после оваа катастрофална и криминална одлука, наместо да се заштитат клубовите кои се обесправени, нашата Федерација ги заштитува клубовите со кои има бизнис и политички интерес.
Господа од ФФМ, доста е веќе! 5 години толерираме секакви опструкции во работењето, трпиме судиски неправди, казнети сме на секој можен натпревар, неправди кон нашата навивачка група Комити, во ниту една ситуација, дури и кон надворешни фактори како клуб не сме биле заштитени од нашата матична Федерација, која за жал за едни е мајка а за други е маќеа. Правдата ќе ја бараме и ќе одиме до крај. На второстепена комисија, Управен одбор на ФФМ, арбитражен суд при ФФМ и секако меѓунароните институции УЕФА и арбитражниот суд во Лозана. Конечно денес го покажаавте вистинското лице, со извинување и почит кон ретки исклучоци на дел од вработените во ФФМ. Кај нас во ФК Вардар е веќе јасно – овој пат нема повлекување, поминати се сите граници, на неколку наврати во минатото сме реагирале на нерегуларностите кои ги сервираа од Федерацијата, но веќе нема. Сега одиме до крај! Добро да се запрашаат сите оние кои работат непрофесионално и нечесно, оние кои денес работеа и гласаа по директива на претседатлот и по директиви од политиката – до кога ќе се меша политиката во спортот?
Безусловно бараме целото раководство на ФФМ да си поднесе неотповиклива оставка на чело со претседателот Илчо Ѓорѓиоски и сите комисии при ФФМ да се самораспуштат. ФК Вардар во иднина ќе го бојкотира целосно раководството на ФФМ како и нашиот настап во првата лига. На кој начин ќе делуваме ќе одлучиме во наредните денови, секако само да не наштетиме дополнително на клубот. Свесни сме дека Федерацијата едвај ќе чека да изрече казна кон ФК Вардар, да му наштети на клубот, на нашиот имиџ и репутација.
Г-дин Ѓорѓиоски, денес со Вашата одлука јавно застанавте против ФК Вардар и сите останати клубови во Македонија. Само да Ве потсетиме дека никој не е вечен во фотелјата, а оној кој се свртел против ФК Вардар набрзо му доаѓал крајот. Најмалку е важно кој е спонзор во моментов и кој раководи со најголемиот фудбалски бренд, она што е важно е дека јавноста и навивачите ќе Ви паметат тоа што им го свртевте грбот на сите клубови освен на еден на кој се додворувате веќе со години.
Важна напомена е секако дека ФК Вардар не сака на ваков начин да си ги зголеми шансите да ја стигне Шкендија на првенствената табела, но мораа во ФФМ и во клубот од Тетово да сфатат дека е исто дали грешката ја направил првиот или последниот на табела и секој ќе мора да си плати за грешката. Грешката во Тетово е направена, но не е платена. Сега останува ФФМ и нејзиниот претседател Илчо Ѓорѓиоски еден ден да ја платат.
Спортски поздрав