Бернардо Силва ги игра своите последни натпревари во дресот на Манчестер Сити. Еден од фудбалерите кои на теренот ја градеа империјата на „граѓаните“ ќе си замине на крајот од сезоната.
По девет неверојатни сезони, Силва ќе се збогува со „Етихад“. Досега за Сити одигра 450 натпревари, постигна 76 голови и запиша 77 асистенции, освојувајќи вкупно 16 трофеи.
Покрај успесите со англискиот шампион, Силва беше шампион на Франција со Монако во сезоната 2016/2017. Со Бенфика, пак, ја освои титулата во Португалија (2013/14), како и Купот на Португалија (2014) и Лига купот (2013/14).
Во дресот на репрезентацијата на Португалија, Силва двапати ја освои Лигата на нации.
На крајот од сезоната тој ќе си замине како слободен играч, а англиските медиуми веќе пишуваат дека има бројни понуди од Саудиска Арабија и од САД. Се очекува искусниот играч од средниот ред да го избере својот нов клуб пред почетокот на Светското првенство, каде што повторно ќе настапи за Португалија.