Фудбалерите на Барселона во 30. коло од Примера славеа против Атлетико Мадрид со 2-1 и дополнително ја зголемија предноста во однос на Реал Мадрид, кој претходно киксираше на гостувањето кај Мајорка.
Атлетико поведе во 39. минута преку Џулијано Симеоне, кој ја затресе мрежата на Жоан Гарсија. Сепак, Барселона експресно одговори, само три минути подоцна Маркус Рашфорд израмни за 1-1, резултат со кој се замина на пауза, а кој беше обележан и со црвениот картон за Нико Гонзалез кај домаќините.
Во второто полувреме, во 48. минута, Жерар Мартин заработи директен црвен картон по остар старт, но по интервенција на ВАР, судијата ја промени одлуката и му покажа само жолт картон. Барселона продолжи да напаѓа, а добри шанси имаа Ламин Јамал и Феран Торес, но не успеаја да реализираат.
Моментот на одлука дојде во самиот финиш во 87. минута, Жоао Кансело проби по левата страна и упати удар, кој голманот Мусо го одбрани, но топката се одби од Роберт Левандовски и заврши во мрежата за конечни 2-1.
Барселона останува лидер со 76 бода, седум повеќе од второпласираниот Реал Мадрид, додека Атлетико е четврти со 57 освоени бодови.
Во следното коло, Барселона ќе го пречека Еспањол во градското дерби, додека Атлетико ќе гостува кај Севиља.