Крај на долгата битка за пари: По седум години решен е случајот со Емилијано Сала

by Стефан
1 минути читање

Седум години по трагичната авионска несреќа во која животот го загуби фудбалерот Емилијано Сала, француски суд донесе одлука во корист на Нант, отфрлајќи го барањето на Кардиф за обештетување. Наместо тоа, велшкиот клуб ќе треба да исплати дополнителни 480 илјади евра.

Кардиф претходно побара повеќе од 120 милиони евра од Нант, но ова е само уште еден во низата правни порази што ги доживеа во случајот кој трае од јануари 2019 година. Имено, и ФИФА, Судот за спортска арбитража, како и Швајцарскиот врховен суд, веќе пресудија против клубот од Велс.

Аргентинскиот напаѓач Сала, кој тогаш имаше 28 години, направи трансфер во Кардиф за рекордни 17 милиони евра, во период кога клубот се бореше за опстанок во Премиер лигата.

Сепак, трагедијата се случи на патот кон Велс, кога малиот авион што леташе од Франција се урна во морето во близина на островот Гернзи. Во несреќата животот го загуби и пилотот Дејвид Иботсон. По трагичниот настан, Кардиф тврдеше дека трансферот не бил целосно финализиран, но ФИФА утврди дека сите неопходни меѓународни документи биле уредно поднесени.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×