Баерн Минхен нема намера да се откаже од Мајкл Олисе, без разлика на висината на понудите што би можеле да пристигнат во наредниот период.
Почесниот претседател на баварскиот гигант, Ули Хенес, јасно порача дека францускиот офанзивец не е на продажба, дури ни за сума од 200 милиони евра.
„Ние го играме овој спорт за навивачите. Имаме 430.000 членови и милиони навивачи ширум светот. За нив нема да биде добро ако имаме 200 милиони повеќе на сметката, а играме лошо од коло во коло“, истакна Хенес, ставајќи до знаење дека клубот не размислува за продажба.
Мајкл Олисе игра во одлична форма оваа сезона со 11 голови и 17 асистенции, што го прави еден од најбараните офанзивци во Европа. Неговиот договор со Баерн важи до 2029 година, а во Минхен веќе размислуваат за нов и подобрен договор.
Интерес постои од повеќе европски гиганти, а најгласни се шпекулациите за Ливерпул, кој бара замена по најавеното заминување на Мохамед Салах.