Артур Мело со години нема настап во дресот на Јувентус, но не се откажува од идејата да игра во Торино и се надева дека ќе може да се докаже под водство на Лучано Спалети.
Артур Мело и Миралем Пјаниќ во 2020 ги заменија средината, двајцата фудбалери беа дел од трампа помеѓу Јувентус и Барселона со која двата клуба си ги балансираа сметките.
Бразилецот, за кого беа платени околу 80 милиони евра, никогаш не се снајде и последниот настап во „бело-црниот“ дрес му е во сезоната 2021/22, потоа беше испратен на позајмици во Ливерпул, Фиорентина, Жирона и сега Гремио.
Тој е под договор со Јувентус до 2027 година, и се очекува летоска да се врати во Торино.
Тешко е за верување дека Артур Мело ќе биде дел од плановите на „старата дама“, но во разговор со Газета дело Спорт, Бразилецот вели дека сака да се докаже под водство на Лучано Спалети.
„Се надевам дека ќе добијам шанса кај Спалети, тој сака да има добро организиран среден ред, да игра со плејмејкер и јас сум комфорен во таа улога“ – вели Артур.
„Ако ги погледнете Лоботка или Пизаро, двајцата блескаа под водство на Спалети. Сметам дека имам капацитет да се прилагодам, па ќе видиме како ќе се развиваат работите“.
Во дресот на Гремиот, тој потсети зошто Барселона го ангажираше: „Нема тајна зад добрата форма, напорна работа и тоа што повторно уживам додека му помагам на тимот. Имав одлични подготовки, целосно ги одработив препремите за новата сезона, а тука е и менталниот аспект – во Гремио, повторно се чувствувам ценето и важно“.
Тој додава: „Пристигнав во Торино во време на транзиција, имаше многу промени, тоа влијаеше врз сите, па и врз мене. Жалам што не покажав што умеам, тоа што сега го покажувам во Гремио. Работите не одеа според планот во Јувентус“.