Македонската фудбалска репрезентација е пред значајна промена кога станува збор за спортската опрема. „Рисовите“ во наредниот период ќе добијат нов технички спонзор, а изборот паднал на германскиот гигант „Адидас“.
Според најавите, „Адидас“ ќе ја преземе улогата на официјален снабдувач со дресови и опрема, со што ќе заврши соработката со „Јако“, бренд кој досега беше задолжен за изгледот на националниот тим. Иако веќе подолго време се шпекулираше за оваа промена, се очекува договорот да биде финализиран пред бараж натпреварот за Светското првенство против Данска.
Дополнителна потврда пристигна и од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој објави фотографија од нов дрес. Иако не е прикажан целосно, јасно се забележуваат препознатливите три линии на „Адидас“ во темноцрвена боја на жолта основа, што навестува нов визуелен идентитет на репрезентацијата.