Баерн за вечерва остана без голман, клубот вади посебни дозволи – ќе брани дете кое ќе испише историја!

by Стефан
1 минути читање

Баерн вечерва од 21 часот ќе ја пречека Аталанта во реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите, но тренерот Винсент Компани се соочува со сериозни проблеми околу составот.

Баварците првиот натпревар во Бергамо го добија со убедливи 6:1 и практично веќе го обезбедија пласманот во четвртфиналето, но најголемата дилема за Компани за вечерва е голманската позиција.

Повредени се првите три голмани Мануел Нојер, Свен Улрајх и Јонас Урбиг, како и чуварот на мрежата од У19 тимот Леон Кланац. Тоа значи дека вечерва шанса би можел да добие 16-годишниот Леонард Прескот. Младиот голман има 16 години и 176 дена и доколку настапи, ќе стане најмладиот голман во историјата на Лигата на шампионите, рушејќи го рекордот на Мартен Вандеворд (17 години и 287 дена).

Сепак, за да биде во составот или барем на клупата, Прескот мора да помине низ комплицирана процедура. Баерн најпрво треба да добие дозвола од државата, бидејќи според германскиот закон за заштита на млади лица, малолетници не смеат да работат по 20 часот.

Со оглед на тоа што натпреварот почнува во 21 часот, клубот веќе поднел барање за специјално изземање. Покрај потписите од директорот на Баерн и самиот Прескот, документите морале да ги потпишат и неговите родители, педијатарот и училиштето.

Дополнително, германскиот закон предвидува и минимум 12 часа непрекинат одмор пред следниот работен ангажман, што значи дека Баерн би морал да ги оправда неговите училишни обврски следниот ден, бидејќи нема да смее да присуствува на настава.

Останува уште малку време да се види како ќе заврши оваа навистина необична и ретка ситуација.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×