Македонската фудбалска репрезентација ќе има силна поддршка од трибините на гостувањето кај Данска во Копенхаген, во полуфиналниот бараж.
Од Фудбалската федерација на Македонија информираа дека интересот кај нашите навивачи е огромен, па десет дена пред натпреварот речиси сите билети предвидени за македонските фанови веќе се распродадени. Се очекува на стадионот да има околу илјада навивачи од Македонија кои ќе ја бодрат репрезентацијата.
Според најавите, до денот на одигрување на натпреварот, закажан за 26 март, многу веројатно и преостанатите билети да бидат продадени.
Поддршката од трибините сигурно ќе биде дополнителен мотив за избраниците на селекторот Гоце Седлоски, кои ќе се обидат да одиграат на највисоко ниво и да обезбедат пласман во финалето од баражот. Токму тој дуел би бил последниот чекор на патот кон место на Светското првенство следното лето.