Хорхе Мас, еден од сопствениците на Интер Мајами, откри дека го плаќаат Лео Меси помеѓу 70 и 80 милиони долари годишно, но инсистира дека напаѓачот вреди за секој долар.
Лео Меси во 2023 година ја напушти Европа, и за разлика од многу играчи кои се решија за петродоларите на Саудиска Арабија, тој одбра преселба во САД.
Но очигледно и оваа авантура е прилично доходовна за Аргентинецот, ко-сопственикот на Интер Мајами сега откри дека на Лео Меси му плаќаат помеѓу 70 и 80 милиони долари годишно.
„Потребни ни се спонзори од светска класа бидејќи играчите се скапи. На Лео Меси му плаќаме 70 до 80 милиони долари годишно“ – вели Хорхе Мас.
„Иако во овој случај вреди за секој долар“.
Според МЛС, Лео Меси има основна плата од околу 12 милиони долари, како и гарантирана заработка (од бонуси) од околу 20 милиони долари.
Разликата од 50-60 милиони долари до сумата за која говори Хорхе Мас доаѓа од договорот на Аргентинецот со Интер Мајами кој вклучува процент од сопственоста во клубот.
Кога Лео Меси потпиша за Интер Мајами во 2023 година, клубот вредеше околу 585 милиони долари, но сега таа вредност е значително зголемена и изнесува околу 1,35 милијарди долари.
Во оваа сума не спаѓаат приходите кои Лео Меси ги добива од Ејпл и Фанатикс, со кои потпиша засебни договори, исто како и спонзорот Адидас.