Реал Мадрид се соочува со сериозни кадровски проблеми во пресрет на натпреварот од 27. коло во Ла Лига против Селта, во момент кога „кралевите“ се четири бода зад лидерот Барселона и секој бод е од огромно значење во битката за титулата.
Тренерот Алваро Арбелоа не може да смета на голем број првотимци, а проблемите дополнително се зголемија откако на листата на повредени се приклучи и Давид Алаба. Според шпанските медиуми, на последниот тренинг на мадридскиот тим недостасувале дури девет фудбалери од првиот состав. Поради ваквата ситуација, Арбелоа бил приморан на тренингот да приклучи осум фудбалери од академијата за да може тимот нормално да работи пред гостувањето кај Селта.
Поради повреди надвор од комбинација се Едер Милитао, Џуд Белингем, Дани Себалјос, Килијан Мбапе, Родриго и Давид Алаба. Дополнително, поради суспензија нема да настапат Франко Мастантуоно, Дин Хауесен и Алваро Карерас.
„Кога ситуацијата е ваква, искрено ми е полесно да го составам стартниот тим. Ние сме Реал Мадрид и нема оправдувања, ниту бараме изговори“, изјави Арбелоа.
Под знак прашалник за утрешниот натпревар останува Раул Асенсио, додека Едуардо Камавинга успешно се опоравил и повторно е во комбинација за настап.