Италијанските медиуми денеска пишуваат за нови желби на Јувентус во пресрет на летниот преоден рок. Според пишувањата, торинскиот гигант сериозно ја разгледува можноста да го доведе Леон Горецка како слободен играч, откако ќе му истече договорот со Баерн Минхен.
„Старата дама“ внимателно ја следи ситуацијата со неколку фудбалери чии договори завршуваат во јуни, а меѓу нив најново име на списокот е токму германскиот репрезентативец. Горецка, кој во изминатиот период беше поврзуван и со трансфер во Милан, пред неколку недели најави дека нема да ја продолжи соработката со баварскиот клуб, што дополнително ги подгреа шпекулациите.
Интересно е што можноста за разговори околу негов евентуален ангажман се појавила за време на преговорите за друг фудбалер на радарот на Јувентус, дефанзивецот на Борнмут, Маркос Сенеси. Двајцата имаат исти агенти, што може да ја олесни комуникацијата меѓу страните.
Покрај Горецка и Сенеси, торинскиот клуб наводно ги следи и ситуациите со Бернардо Силва од Манчестер Сити, како и со дефанзивецот на Рома, Зеки Челик. Уште во јануари италијанците шпекулираа дека Јувентус воспоставил неформални контакти со претставниците на португалскиот плејмејкер.
Од друга страна, агентот на Челик ги демантираше информациите дека неговиот клиент веќе постигнал договор со „бјанконерите“, потенцирајќи дека засега нема ништо конкретно.
Очигледно во Јувентус во летото кое следи сакаат да формираат силен тим кој предводен од Спалети ќе биде конкурентен во сите натпреварувања.