Аталанта приреди вистинска фудбалска драма и со спектакуларен пресврт обезбеди место во осминафиналето, иако во првиот натпревар против Борусија Дортмунд беше поразена со 2-0. Италијанскиот состав вечерва на домашен терен славеше убедлива победа од 4-1 и го сврте вкупниот резултат во своја корист.
Најавата за големиот камбек пристигна уште во петтата минута кога Џанлука Скамака ја затресе мрежата на гостите. До крајот на првото полувреме домаќините целосно ја анулираа негативата, откако Давиде Запакоста се запиша во листата на стрелците и донесе 2-0.
Аталанта продолжи со офанзивата и по паузата, а во 57. минута Марио Пашалиќ погоди за 3-0 и комплетен резултатски пресврт. Германскиот тим иако не блескаше, сепак внесе неизвесност во финишот, Карим Адејеми намали на 3-1 и ги доближи „милионерите“ до продолженија.
Кога се чинеше дека ќе гледаме продолженија, длабоко во судиското продолжение домаќините добија пенал. Одговорноста ја презеде Лазар Самарџиќ, кој сигурно реализираше во осмата минута од дополнителното време за конечни 4-1 и ерупција од воодушевување на трибините.