Шкендија запиша голема победа на тешкото гостување во Кратово и со триумф од 1-2 против Силекс во 19. коло од Првата македонска фудбалска лига се искачи на втората позиција на табелата.
Шампионот поведе во 17. минута кога по нафрлување од Нуман Ајети, Фабрис Тамба одлично се снајде и ја смести топката во мрежата на Љупче Џеков за 0-1. До паузата тетовци пропуштија уште неколку можности, ја погодија и пречката преку Алхасан, а казната стигна во 45. минута кога Едиз Бутуровиќ искористи топка во шеснаесетникот и израмни на 1-1.
Во продолжението немаше премногу ритам и вистински шанси, а најдобрата можност за Силекс ја пропушти Александар Мишов кој од добра позиција не го погоди голот. Казната за кратовци стигна во 89. минута кога Арбин Зејнулаи со убав волеј ја затресе мрежата на Џеков за конечни 1-2.
Со оваа победа Шкендија има 45 бода и е втора, шест помалку од Вардар и три повеќе од Струга, додека Силекс останува четврти со 35 бода.