Бразилецот Нејмар најави дека 2026 година би можела да биде неговата последна во професионалниот фудбал, а Светското првенство, последниот голем настап во кариерата, секако ако добие повик.
Поранешниот фудбалер на ПСЖ и Барселона, кој како тинејџер блесна во Бразил пред трансферот во Каталонија, неодамна го прослави 34. роденден и полека се наближува до крајот, посебно поради тоа што е позната неговата физичка форма. Неговата кариера во третата деценија од животот беше обележана со бројни повреди, проблеми со скочниот зглоб, коленото и задната ложа значително му го скратија времето на теренот.
Во 2024 година Нејмар се врати во матичниот Сантос, со кој има договор до 2026 година, а сега Бразилецот искрено зборуваше за својата иднина.
„Не знам што носи утрешниот ден. Можно е во декември да одлучам дека е доста и дека сакам да се повлечам. Живеам година по година“, изјави Нејмар.
Тој нагласи дека актуелната година е клучна за него.
„Оваа сезона е исклучително важна, не само за Сантос и бразилската репрезентација, туку и за мене лично“, порача напаѓачот, кој се надева дека ќе се најде на списокот на селекторот Карло Анчелоти за Светското првенство што летово ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Засега, италијанскиот стратег не се изјаснил јавно околу шансите на Нејмар да биде дел од мундијалскиот состав.