Во Струмица и Битола ќе се водат битки за важни бодови за опстанок

by riste
2 минути читање

Денеска на програмата се последните два натпревари од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), во Струмица Брера ќе ја пречека Македонија Ѓорче Петров, а Работнички во Битола оди на мегдан со Пелистер.

Ова се дуели на екипи кои водат борба за опстанок во најдобрата македонска лига, иако има уште многу до крајот, бодовите за сите се и повеќе од важни, особено за Работнички кој има освоено само седум.

Тренерот на Брера, Мартин Алаѓозовски вели дека добро се подготвени за вториот дел од сезоната и се надева на опстанок иако тимот е составен претежно од млади фудбалери.

„Сѐ е речиси исто кај нас. Се подготвивме добро, младите фудбалери секогаш имаат мотив да се докажуваат, и искрено се надевам дека ќе биде на ниво и во пролетниот дел од сезоната. Си заминаа Наумчески и Нзенгуе, но имаме неколку нови имиња, а воглавно костурот на тимот е истиот од првиот дел од сезоната. На пролетната премиера нѐ очекува тежок натпревар, ни гостува Македонија ЃП, тим кој исто така се бори за опстанок во лигата. Ова се оние „дуели за шест бода“, ако победиш си се одлепил сериозно од конкурентот, но не смееш да загубиш. Посакуваме триумф, ќе излеземе да се надигруваме и се надеваме на успешен старт“, вели тренерот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.

Работнички во јануарскиот преоден рок направи многу промени во составот со цел да ги освои неопходните бодови, а дали тимот ќе почне да функционира веќе од денеска, ќе се знае по мечот во Битола против Пелистер.

Тренерот Муарем Муарем е оптимист и е свесен дека на секој меч мора да одат на победа.

„Одиме на победа. Работнички и нема друг избор, тоа се гледа и според табелата. Но, има уште многу да се игра, а зимскиот преоден рок беше искористен за речиси комплетна реорганизација и во стручниот штаб и во играчкиот кадар. Подготвени сме за предизвикот, имаме респект кон Пелистер, но нам ни се потребни бодови и одиме во Битола да ги освоиме“, истакнува Муарем Муарем, новиот стратег на Работнички.

Мечот меѓу Брера и Македонија Ѓорче Петров почнува од 13 часот, додека дуелот меѓу Пелистер и Работнички се игра од 14 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×