Аргентинецот Хоакин Торес треба да биде сериозно засилување за Вардар за вториот дел од сезоната, тој вели дека е среќен што ќе го носи црвено-црниот дрес на скопскиот тим.
Торес потекнува од славниот аргентински клуб Њуел Олд Бојс од каде почна и Меси. Тој покрај во јужноамерикански клубови има настапувано и во МЛС, а неговата моментална вредност според трансфермаркт е 700.000 евра.
Се работи за 29-годишен аргентински офанзивен фудбалер кој заедно со Дарко Велковски, Бобан Николов и Стефан Цветковиќ потпишаа за Вардар во самиот финиш од преодниот рок.
„Најпрво, сакам да кажам дека сум многу среќен што сум овде. Имам голема почит за Вардар како тим, знам дека се работи за најдобриот тим од Македонија и сакам да се борам за големи нешта со клубот. Имам големо искуство во Јужна Америка, во Аргентина и Чиле, како и во и МЛС-лигата, па за мене ова е еден нов и голем европски предизвик во кариерата. Сакам да ја покажам најдобрата верзија од себе и да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели. Имам големи очекувања за себе и очекувам да се адаптирам лесно во Вардар. Кратко време сум тука, но се запознав со некои од соиграчите и почувствував добра енергија. Вардар е прв во лигата, па ќе се обидеме да ја сочуваме заедно таа прва позиција и да го освоиме трофејот“, вели Торес.