Бобан Николов потврди дека се враќа во редовите на Вардар, а тоа го направи со објава на социјалните мрежи.
Николов на својот Инстаграм профил сподели фотографија во „црвено-црниот“ дрес, придружена со кратка порака – „дома“, со што јасно стави до знаење дека повторно ќе го носи дресот на најтрофејниот македонски клуб.
Искусниот фудбалер во Вардар се враќа како слободен играч, откако му истече договорот со романскиот тим Фарул Констанца.
Николов беше дел од златната генерација на Вардар која настапуваше во групната фаза од Лига Европа, а во текот на својата интернационална кариера ги носеше дресовите на Борац Бања Лука, Кишварда, ФЦСБ, Шериф, Лече и Фехервар, стекнувајќи значајно искуство на европската сцена.
