Тешкиот пораз на Реал Мадрид од Бенфика со 4-2 во Лисабон предизвика вистинска бура во редовите на „кралскиот клуб“.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, пред сè „Кадена СЕР“, претседателот на Реал, Флорентино Перез, не можел да го премолчи слабиот настап на својот тим и веднаш по натпреварот влегол во соблекувалната, каде што одржал остар говор пред фудбалерите.
Реал во Лисабон пристигна од позиција што гарантираше директен пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, со амбиција сезоната да ја заврши меѓу осумте најдобри екипи во елитното натпреварување. Меѓутоа, болниот пораз значеше пад во плеј-оф фазата, каде што мадриѓаните би можеле да се соочат со Бодо/Глимт или повторно со Бенфика, сценарио кое воопшто не му се допаднало на првиот човек на клубот.
Наводно, Перез посебно издвоил петмина фудбалери, изразувајќи незадоволство од нивното залагање, пристап и однесување на теренот. Во фокусот на неговата критика се нашол и Џуд Белингем, на кого јасно му било ставено до знаење дека мора да ја преземе лидерската улога во тимот.
Претседателот бил разочаран што младата ѕвезда не го повлекла тимот во клучните моменти од натпреварот, сметајќи дека токму Белингем треба да биде водачот на новата генерација на Реал Мадрид.
Целата ситуација доаѓа во исклучително тежок период за клубот. По серијата лоши резултати беше сменет тренерот Чаби Алонсо, а неговиот наследник Алваро Арбелоа сè уште не успеал да ја убеди јавноста дека може да го извади тимот од кризата.