И покрај убедливата победа над Карабах, Ливерпул повторно плати висока цена со нова повреда во дефанзивната линија. Веќе во втората минута од натпреварот Џереми Фримпонг остана да лежи на тревникот, а по кратката интервенција беше јасно дека нема да може да продолжи.
Холандскиот десен бек, кој и претходно имаше проблеми со повреди по доаѓањето од Баер Леверкузен, повторно ќе мора на пауза. Тренерот Арне Слот по натпреварот потврди дека ситуацијата не изгледа охрабрувачки.
Проблемите за Ливерпул дополнително се зголемуваат ако се знае дека Конор Бредли е надвор од строј до крајот на сезоната, Џо Гомез се повреди на последниот првенствен натпревар, а Ибраима Конате веќе три меча не настапува поради семејна трагедија.
Со ваква кадровска состојба, голема е неизвесноста со каква одбрана „црвените“ ќе истрчаат против Њукасл во сабота, натпревар кој би можел да биде клучен и за иднината на Арне Слот на клупата на Ливерпул.