Африканската фудбалска конфедерација стави точка на скандалот што го одбележа финалето на Африканскиот куп на нации 2025 и ги соопшти конечните дисциплински мерки по случувањата на дуелот меѓу Мароко и Сенегал.
Најстроги последици трпи сенегалскиот табор. Селекторот Папе Тиав е санкциониран со забрана за водење на тимот на пет официјални натпревари и глоба од 100.000 долари. Казни заработија и двајца репрезентативци, Илимaн Ндијае и Исмаила Сар, кои ќе мора да паузираат по два меча. Дополнително, Фудбалската федерација на Сенегал е удрена по џебот со вкупно 615.000 долари, поради недолично однесување на репрезентацијата и службените лица, вклучително и напуштањето на теренот пред крајот на натпреварот.
Ниту Мароко не помина без санкции. Првата ѕвезда Ашраф Хакими доби суспензија од два натпревари, додека Саибари ќе отсуствува три средби и плус ќе плати парична казна од 100.000 долари. Мароканската федерација е казнета со 300.000 долари, а дополнителни 200.000 долари се изречени поради инциденти поврзани со собирачите на топки.
Дисциплинската комисија на КАФ во исто време ја отфрли жалбата на Мароко со која се бараше поништување на одлуките и повторно отворање на случајот, како и можност за повторување на финалниот натпревар. И покрај сите контроверзии, санкции и правни обиди, конечната одлука останува непроменета. Сенегал официјално е потврден како шампион на Африка за 2025 година.