Навивачите на Јувентус стравуваа за иднината на Кенан Јилдиз, но според денешните информации кои пристигнуваат од Италија, конечно можат да здивнат.
Одличниот турски офанзивен играч од средниот ред, кој има само 20 години, донел одлука да остане во редовите на „старата дама“ и да биде главен фудбалер во новиот проект на клубот, некој околу кој ќе се гради иднината на најтрофејниот тим во Серија А.
Јилдиз беше на радарот на бројни европски гиганти, особено поради фактот што во Јувентус заработуваше 1,5 милиони евра по сезона, но наместо заминување, прво седнал на преговарачка маса со челниците на клубот, по што бил постигнат договор.
Како што пренесува „Тутоспорт“, двете страни се договориле за нов договор со значително зголемување на платата, која ќе изнесува шест милиони евра по сезона.
Со тоа, турскиот репрезентативец ќе влезе во групата на најплатени фудбалери во Јувентус. Конкретно, ќе има иста плата како Џонатан Дејвид, додека пред него ќе биде само српскиот напаѓач Душан Влаховиќ, кој инкасира 12 милиони евра годишно, но се очекува да го напушти клубот на крајот од сезоната.
Јилдиз во актуелната сезона има 29 настапи во сите натпреварувања за Јувентус, при што постигна девет погодоци и запиша осум асистенции.