Холандскиот дефанзивец Свен Ботман го продолжи договорот со Њукасл до летото 2030 година, официјално соопшти англискиот клуб. Дваесет и шестгодишниот фудбалер е член на Њукасл од 2022 година и досега има одиграно 93 натпревари во црно белиот дрес.
По потпишувањето на новиот договор, Ботман не го криеше задоволството од продолжувањето на соработката со клубот.
„Многу сум среќен што го потпишав овој договор. Овој клуб ми даде навистина многу во изминатите три и пол години. Тука напредував како личност и како играч и чувствувам дека имам уште многу да дадам на подолг рок. Двете страни се многу задоволни од оваа одлука и со нетрпение очекувам што ме чека во иднина тука“, изјави Ботман за официјалниот сајт на клубот.
Во текот на кариерата, холандскиот фудбалер настапуваше и за Ајакс, Херенвен и Лил, пред да пристигне во Премиер лигата. Во моментов Њукасл се наоѓа на шестата позиција на табелата во Премиер лигата со 32 освоени бода.