Мохамед Салах ќе остане во Ливерпул најмалку до крајот на актуелната сезона и по завршувањето на настапот на Купот на Африкански Нации повторно ќе го облече дресот на клубот од „Енфилд“.
Иднината на најдобриот египетски фудбалер беше под знак прашалник поради отворениот конфликт со тренерот Арне Слот, откако Салах јавно реагираше на одлуката да биде оставен на клупата на три последователни натпревари. Тензијата накратко се намали, офанзивецот настапи против Брајтон, а потоа се приклучи на националниот тим на Египет, каде што одигра клучна улога во пласманот во полуфиналето на континенталниот турнир.
Иако дел од медиумите најавуваа можен јануарски трансфер во Саудиска Арабија, такво сценарио нема да се реализира. Салах веќе ги информирал своите најблиски, како и дел од луѓето во клубот, дека не планира заминување во текот на зимскиот преоден рок. Неговата јасна желба е да остане во Ливерпул и да помогне сезоната да добие позитивен тек.
Доколку тоа не се оствари, искусниот напаѓач ќе ја разгледа својата иднина по завршувањето на сезоната, но во овој момент е извесно дека Мохамед Салах ќе остане дел од Ливерпул најмалку до јуни.