Некогашната голема надеж на Барселона и Јувентус, Артур Мело, по неуспешниот период во Европа повторно игра на високо ниво во татковината. Бразилецот, кој сè уште е под договор со Јувентус, настапува како позајмен фудбалер во Гремио и има клучна улога во тимот.
По неговото доаѓање, Гремио значително ги подобри резултатите, а Артур стана лидер на средниот ред.
Досега одигра 13 натпревари и собра 1.088 минути, со големо влијание врз играта и исклучителна прецизност во додавањата од речиси 94 проценти.
Статистиката покажува дека тимот е далеку поуспешен со него на теренот, а ваквите настапи му донесоа место меѓу петте најдобри играчи за врска надвор од најсилните европски лиги според ЦИЕС. Се чини дека далеку од Европа, Артур Мело повторно се пронаоѓа.