Од редовите на Ливерпул потврдија дека се разделиле со тренерот за прекини, Арон Бригс.
Бригс пристигна во Ливерпул во јули 2024 година и ја презеде улогата на тренер задолжен за прекините, иако тоа всушност не било првичниот план. Сепак, неговата авантура на „Енфилд“ заврши побрзо од очекуваното и клубот одлучи да му врачи отказ.
Бригс беше ангажиран како решение по заминувањето на Питер Кравиц, кој ја извршуваше истата функција во стручниот штаб на Јирген Клоп.
Отказот за Бригс, според англиските медиуми, не доаѓа како големо изненадување. Ливерпул сезонава има сериозни проблеми при одбраната од прекини, па само уште два клуба од петте најсилни европски лиги примиле повеќе голови од вакви ситуации. „Црвените“ дури 12 пати ја вадеа топката од својата мрежа по прекин, бројка што ја надминуваат само Борнмут и Нотингем Форест.
Голови против Ливерпул од прекин, без да се сметаат пеналите, постигнуваа Њукасл, Кристал Палас, Манчестер јунајтед, Брентфорд, Манчестер сити, Нотингем форест, Лидс, Тотнем и Вулверхемптон, при што некои од овие екипи погодија и повеќе од еднаш.
Дополнителен проблем за Ливерпул е и офанзивниот учинок од прекини. Клубот од „Енфилд“ е најнеефикасен во Премиер лигата во овој сегмент, со само три постигнати гола.
За споредба, Арсенал има 12 погодоци од прекини и примени само четири, додека најмалку голови од вакви ситуации досега во Премиер лигата примија Сандерленд и Брентфорд само по три. Најуспешен во овој сегмент е Манчестер јунајтед, кој има дури 13 постигнати гола од прекини.