ФФМ отвори постапка против Сејдини поради 700.000 евра, ќе се истражува и тренерската лиценца на Ангеловски!

by Стефан
1 минути читање

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за тотворање на дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини.

Како што соопшти ФФМ, постапката е поведена поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, а во врска со исплата од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Според достапната документација, исплатата била реализирана самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор, надвор од утврдените надлежности и без обезбедена банкарска гаранција, што било во спротивност и со доставената понуда.

Од Управниот одбор оценуваат дека во конкретниот случај постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што, како што наведуваат, се предизвикани сериозни негативни последици врз угледот и финансиското работење на федерацијата.

На истата седница, Управниот одбор на ФФМ донесе и одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе целосна ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ.

Ревизијата ќе вклучи проверка на почитувањето на роковите, процедурите и критериумите за посетување и учество во едукативните модули, како и целокупната постапка за издавање тренерски лиценци.

Меѓу другото, ќе биде испитан и начинот на кој поранешниот селектор на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, ја стекнал својата ПРО лиценца, при што од ФФМ посочуваат дека токму Ангеловски сам побарал да биде извршена ваква ревизија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×