Фудбалерите на Јувентус со многу мака стигнаа до победа на гостувањето кај Пиза со 0-2 во рамките на 17. коло од италијанската Серија А.
„Старата дама“ долго време не успеваше да го скрши отпорот на домаќинот, а клучниот момент се случи во 73 минута кога Калабрези несреќно ја смести топката во сопствената мрежа. По напад по десната страна, Мекени нафрли во шеснаесетникот, а дефанзивецот на Пиза во обид да интервенира пред Калулу си постигна автогол.
Пиза претходно имаше сериозни шанси да дојде до предност. Во 45 минута Мореио ја погоди пречката, а во 60 минута Трамони ја затресе стативата. И Јувентус немаше среќа во еден момент, кога ударот на Кели заврши во стативата. Сите дилеми околу победникот беа решени во вториот минут од судиското надополнување, кога гостите буквално се прошетаа до голот, а Кенан Јилдиз ја внесе топката во мрежата за конечни 0-2.
Со оваа победа, екипата на Спалети се наоѓа на третата позиција на табелата со 32 бода, додека Пиза останува претпоследна со само 11 поени.